(Видео) Банките најголеми донатори за македонскиот спорт

пред 2 години

Инвестирањето во спортот со цел подобрување на условите за развој на секој спортист е наша заедничка определба и заложба, истакнаа на денешната прес-конференција директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски.

„Преку ваучерскиот систем изминатите три години поддржуваме спортски клубови и федерации, но и индивидуални спортови, со цел остварување успеси и добри резултати, интересот е навистина голем, мерката е сѐ повеќе прифатена“, рече Лукаревска.

Таа појасни дека врз основа на ваучер издаден од АМС, на компанијата, која донира во спортот и се намалува данокот на добивка.

Процедурата за донација е пропишана со Правилник, и се одвива целосно електронски преку системот на УЈП, е-даноци.

„Во 2019 година, 640 компании донирале над 493 милиони денари, на 377 спортски субјекти, во 2020 година 686 компании донирале над 547 милиони денари на 626 спортски субјекти, во 2021 година 601 компании донирале над 400 милиони денари на 689 спортски субјекти“, посочи Лукаревска.

Таа истакна и дека во време на глобална здравствена криза, општествено одговорните компании ја препознаваат важноста од поддршка на македонските спортисти.

Најголемите донации доаѓаат од компании кои вршат дејност: банкарство (6), изградба на станбени и нестанбени згради (2), дејности на коцкање и обложување (2), производство на малтер (1), дејности на управување со фондови (1), дејности на безжични комуникации (1), друго кредитно посредување (1), трговија на големо со фармацевтски производи (1), други дејности на здравствена заштита (1) компјутерско програмирање, (1) производство на фармацевтски препарати, (1) дејности на безжични препарати (1) и др.

Директорот на АМС, Мојсовски изрази задоволство од соработката со УЈП преку која се реализира оваа мерка и истакна дека преку овој систем спортистите, клубовите и федерациите имаат сигурен партнер во финансирање на нивните програми, овозможување подобри услови и постигнување подобри резултати и реализација.

„Ова е од огромно значење за нивниот професионален развој и напредок. Овозможува да се создадат подобри услови за спортистите и постигнување на одлични спортски резултати. За нашите спортисти од големо значење е ваквата институционална поддршка. И во време на пандемија бележиме раст на реализација на мерката, фантастични 95 проценти, а во иднина во координација со Управата за јавни приходи сме на изнаоѓање на модел за полесна реализација на ваучер системот што би значело средствата кои се доделени преку ваучер системот директно да се слеваат на спортските субјекти кои ја користат мерката“, истакна Мојсовски.

Share
Scroll to Top