ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски продолжува да дејствува против реформите во образованието, против интересите на граѓаните, изјави денеска Стефан Васев од СДСМ.
„Стана јасно дека стојат зад повиците за бојкот, зад лажните вести за дигитализацијата во образованието и зад утрешните протести. Партијата предводена од Мицкоски се обидува да манипулира со родители и ученици заради теснопартиски и бизнис интереси“, истакна претставникот на владејачката партија.
Според Васев, фактот што опозициската партија наводно не била против дигитални учебници, но се спротивставува на законското решение покажува дека ВМРО-ДПМНЕ преку лаги и манипулации се обидува да ги заштити милионските ексклузивни договори со одредена група издавачи.
„ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на секоја реформа, на сé што е во интерес на граѓаните и на државата. Токму поради таквото деструктивно однесување оваа партија шест пати губи на избори и уште долго ќе остане во опозиција“, нагласи тој.