Владата очекува до крајот на декември да ги заврши сите реформи предвидени во Реформската агенда, а дел од клучните закони веќе се во фаза на техничко усогласување со Европската комисија. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека активностите се одвиваат во предвидениот грејс-период и дека останатите отворени прашања се решаваат со европските партнери.
На вчерашниот состанок во Владата, посветен на спроведувањето на Реформската агенда, бил разгледан статусот на законите во неколку клучни ресори, постигнатиот напредок и следните чекори.
Мицкоски информираше дека четири клучни закони од областа на јавната администрација се во фаза на техничко усогласување со Европската комисија.
„Очекувам дека на техничко ниво месец до крајот на месецот ќе се расчистат сите работи и ќе можеме да влеземе во парламент почетокот на декември, за до крај на декември поминат овие закони“, изјави Мицкоски.
Станува збор за законите за административни службеници, вработените во јавниот сектор и високите раководни служби, за кои, како што посочи премиерот, остануваат уште по една или две забелешки од Европската комисија.
Во однос на новиот Закон за оружје, Мицкоски рече дека предлогот на експертите од СИГМА, според домашните експерти и професори по уставно право, е неуставен, но очекува и ова прашање да биде надминато.
Кривичниот законик и Законот за кривична постапка веќе се испратени во Брисел на разгледување и добивање сугестии, а соодветните табели треба да бидат доставени најдоцна до понеделник.
Едно од отворените прашања се буџетските издвојувања за судството и јавното обвинителство. За ова, според Мицкоски, е постигнат компромис со претставниците на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, кој веќе ѝ е претставен на Европската комисија.
„Дојдовме до еден компромис, тој го претставивме вчера на состанокот, очекуваме од Европската комисија да дадат и свое мислење поврзано со тој компромис“, рече премиерот.
Предвидено е постепено зголемување на буџетските средства, со цел судскиот буџет да достигне 0,8 проценти од БДП, а буџетот на јавното обвинителство 0,5 проценти од вкупниот државен буџет.
Се усогласуваат и преостанатите прашања за Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, особено начинот на финансирање и нејзиното институционално позиционирање. Владата во понеделник треба да испрати дополнително образложение до Европската комисија.
„Дојдовме до заедничко решение како да го финансираме и останува уште да го расчистиме со Европската комисија. Тие бараат да биде извадена надвор од Министерството за правда, но претходно во еден друг чекор од реформската агенда којшто се однесува на Министерството за финансии и којшто веќе се смета за завршен и за којшто имаме веќе добиено средства, па инсистираат да бидат таму. Понеделник ќе го испратиме нашето образложение, очекуваме во текот на следната недела тоа да се расчисти. Така што и тој сет на закони од правда ќе бидат завршени“, изјави Мицкоски.
Во делот на дигиталната трансформација, премиерот оцени дека има стабилен напредок и дека предвидените чекори се затвораат. Министерството за транспорт, пак, очекува мислења за пет закони со кои се предвидени помали измени во системот за интелигентен транспорт во железничкиот и патниот сообраќај.
Во енергетскиот сектор останува да се завршат уште два чекора, за кои се очекува да бидат реализирани во текот на ноември.
„Очекуваме сите овие реформи коишто се во грејс-период до декември 2026 да бидат завршени. Во детали ги имаме разработено“, порача Мицкоски, додавајќи дека Владата продолжува да биде меѓу водечките во овој процес.
Текстот (Видео) Владата очекува да ги заврши реформите до декември, дел од законите сè уште се усогласуваат со Брисел е превземен од МАКФАКС.




