(Видео) Заев до Борел: Веќе не сакаме да стоиме и да чекаме, време е ЕУ да испорача

пред 4 години

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

После средбата, Заев и Борел дадоа изјави при што македонскиот премиер кажа дека земјата е посветена на европските вредности и на спроведувањето на стандардите и критериумите на ЕУ.

„Веќе не сакаме да стоиме и да чекаме. Знаеме дека нема друг пат освен европскиот. Не бараме повеќе од она што сме заслужиле, а тоа е да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Уште во март 2020 беше потврдено дека Северна Македонија ги има исполнето своите обврски и сега е време ЕУ да испорача.

Може ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Може ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не!“, порача Заев додавајќи дека позитивен чекор напред за Северна Македонија би претставувал охрабрувачка порака за целиот регион.

Борел пак истакна дека вчера со министрите за надворешни работи на земјите-членки разговарал за важноста на Западен Балкан.

„Министрите ја реафирмираа европската перспектива на целиот регион. Има многу силна поддршка што е можно побрзо да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија“, посочи високиот претставник за надворешна и безбедносна политика.

Тој нагласи дека нема поддршка за раздвојување на процесите за Северна Македонија и Албанија – ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите-членки.

„Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите за пристап, и слично како Албанија, заслужува да продолжи во следната фаза на процесот без одложувања“, истакна Борел.

Тој порача дека земјата може да смета на ЕУ, кога станува збор за наоѓање решение за напредување на пристапниот пат, но исто така и кога станува збор за вакцините.

Покрај премиерот Заев, дел од македонската делегација на состанокот беа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Share
Scroll to Top