Мисиите на светите браќа пред 12 века биле обединувачки, исто како и денес, изјави премиерот Зоран Заев на промоцијата на печатеното издание на „Проглас“ од Константин Философ – Св. Кирил и на отворањето на изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, како дел од содржините за одбележување на празникот 24 мај – Ден на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, што се организирани со Република Словачка.
„Овој настан во чест на Светите Кирил и Методиј, обединува. Овој пат ги обедини Република Северна Македонија и Република Словачка преку заедничкото издание на „Прогласот“ на Константин Философ – Свети Кирил. Но тука со нас се и гостите од Чешка и претставници на другите братски држави, обединети и преку род и преку заедничката писменост. Ова библиофилско издание, кое за прв пат беше објавено во Словачка по повод 1150 годишнината од Великоморавската мисија на сесловенските просветители, сега доживеа и второ, дополнето издание на старословенски, словачки и македонски јазик. Објавено е повторно од страна на Словачката народна библиотека, во соработка со издавачот Друштвото на писатели на Словачка и со финансиска поддршка на Владата на Република Северна Македонија. Посебна заслуга за ова издание му припаѓа на господин Стојан Лекоски, наш сограѓанин кој повеќе години живее и работи во Словачка и кој се јавува како составувач и преведувач на ова дело“, изјави Заев.
Во однос на изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, премиерот раскажа дека на неа, низ фотографии и илустрации се прикажани животот и делото на сесловенските просветители и нивните мисии меѓу Сарацените, Хазарите, Брегалничката мисија, како и нивната најзначајна мисија за Словените – мисијата во Велика Моравија.
„За тоа колку е големо делото на Свети Кирил и Свети Методиј сведочи и признанието кое им го оддава Папата Јован Павле Втори во неговото послание од 31 декември 1980 година, со која ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа“, подвлече премиерот. Овој чин, како што додаде, само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите.
„Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничките допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина.“, порача премиерот.