Додека здравите деца забрзано се вакцинираат за да се заштитат од голема кашлица, родителите на болните деца, исто како и возрасните што се сомневаат дека се заразиле, итаат да направат тест. Големата кашлица ги наполни вакциналните пунктови, ги полни болниците, а последниве две недели почна да ги полни и џебовите на приватните лаборатории оти тест на сметка на државата ретко кој успева да добие.
„Нема термини за тестирање на државна сметка. Преку матичниот лекар не успеавме да најдеме термин за тестирање како осигуреници на Фондот за здравство, но затоа можевме да избираме во која приватна лабораторија да го направиме тестот. Плативме 15.00 денари и за 24 часа добивме резултат. Се покажа дека тестот е позитивен“, вели татко на средношколец од Скопје со голема кашлица.
Единствена државна лабораторија што прави тестови за откривање на бактеријата бордетела пертусис, која ја предизвикува големата кашлица, е Институтот за јавно здравје. Директорот Шабан Мемети вели дека тестови имаат, но не кажува колку.
„Тестовите се кај нас, во нашата лабораторија се прави тестирањето. Пациентите што имаат симптоми нека доаѓаат кај нас. Не можам да кажам колкава е бројката на тестовите со кои располагаме, битно е дека ги имаме“, вели директорот Мемети за „Макфакс“.
Тој не кажа ниту колкава е бројката на досега направени тестови на голема кашлица иако бројот на регистрирани позитивни случаи уредно се бележи во неделените извештаи за состојбата со големата кашлица во земјата. Првиот случај годинава беше регистриран на 5 јануари, а заклучно со 15 февруари, кога е направен последниот пресек, бројката на регистрирани заболени од голема кашлица се искачи на 39.
Од нив, 22 случаја се регистрирани во приватните лаборатории, а 17 во Институтот за јавно здравје.
Првата недела од февруари, освен Институтот, позитивни тестови на голема кашлица пријавија Клиничката болница „Аџибадем Систина“, „Авицена“ и Клиниката „Жан Митрев“, а од минатата недела нови заболени пријавија и „Биотек“, „Синлаб“ и „Ремедика“.
За само неколку дена од прогласувањето на епидемијата на голема кашлица во Скопје, лабораториите се организираа и на пациентите им понудија ПЦР-тестови, кои, освен бордетела пертусис на голема кашлицам детектираат и други бактерии. За тестирањето, во зависност од понудениот пакет, наплаќаат од 800 денари па нагоре во зависност од избраниот пакет.
Пациентите се жалат дека се доведени во иста ситуација како за тестирањето на коронавирусот кога термини во државните лаборатории немаше или се чекаше со денови, па беа принудени тестирањето го плаќаат во приватните лаборатории.
И тогаш, како и сега со големата кашлица, Институтот за јавно здравје даваше податоци дека поголем број од позитивните случаи се откриваа во приватните лаборатории.
„Макфакс“ побара бројка на тестови на голема кашлица и од Министерството за здравство. И од таму не кажаа конкретна бројка, но укажуваат дека за тестирање не е потребен термин, туку само упат од матичните лекари.
„Институтот за јавно здравје располага со доволен број тестови за детекција на причинителите на големата кашлица (Bordetella pertussis/Bordetella parapertussis/Bordetella bronchiseptica). Поради веќе пријавена епидемија на пертусис во град Скопје и растечкиот број случаи и во другите градови, се организира набавка на дополнителни количини за да има континуитет во лабораториската детекција и потврдување на дијагнозата. Став на Комисијата за заразни болести е тестирањето да се врши во референтна лабораторија, според Законот на јавното здравје – улогата на референтна институција ја врши Институтот за јавно здравје на РСМ и тука се вршат тестирања и за суспектни пациенти од други градови. Матичните лекари може директно да упатуват до лабораторијата на ИЈЗ за тестирање, а ослободени од партиципација се децата под едногодишна возраст“, велат од Министерството за здравство за „Макфакс“.
Вакцина против голема кашлица може да примат и возрасни, препораките се првенствено за трудниците
Истовремено, со полнењето на приватните лаборатории се полнат и вакциналните пунктови. Епидемијата на голема кашлица во Скопје ги наполни пунктовите како ниту една кампања за подигнување на свеста за вакцинирањето досега. Лекарите во вакциналните пунктови воведоа двосменско работење за да излезат во пресрет на енормно зголемениот интерес.
„Голем број родители доаѓаат во Поликлиниката ‘Јане Сандански’ да си ги примат вакцините што ги пропуштиле од икс причини – дали децата биле болни, дали ненамерно ја одложувале вакцината, односно ревакцинацијата, така што дозата е пропуштена и тие сега во поголем број доаѓаат во диспанзерот да си ја примат пропуштената доза. За деца што воопшто не се вакцинирани, првпат доаѓаат да се вакцинираат на возраст од две, три или четири години, тогаш почнуваме со ‘кеч ап’ имунизација. Имаме протокол ‘фати што можеш’, односно надомести ги дозите што недостигаат. Школскиот диспанзер работи прва смена, а за малите деца од 0 до шест години, кои сѐ уште не одат во училиште, ги вакцинираме двосменски, во предучилишна вакцинација“, вели Даниела Марковска, специјалист по семејна медицина во вакциналниот пункт на Поликлиниката „Јане Сандански“.
Освен деца, доктор Марковска посочува дека вакцината за заштита од голема кашлица може да ја примат и возрасни.
„Пертусис-вакцина може да примаат и возрасни. Општа вакцина може да се прими во кој било период од животот, во зависност од тоа за која вакцина се работи. Во соседна Србија веќе е воведена вакцина за возрасни поради тоа што луѓето треба да се свесни дека 100 % заштита нема. Со тек на време таа заштита се намалува“, посочи доктор Марковска.
Активностите за заштита од големата кашлица, токму врз основа на следењето на состојбите во соседството, но и кај нас, проф, д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација и професорка на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, вели дека почнале уште минатата година. Препораки има и за вакцината за возрасни.
„Во октомври и ноември 2023 година се одржа едукација во однос на инфекцијата со пертусис и следејќи ги состојбите во соседството од комисијата за имунизација беше пратена информација за повикување на децата што имаат пропуштена вакцинација со дитепер-вакцината. Во тек е активна вакцинација на сите деца што имаат пропуштено една или повеќе дози од вакцината. Во однос на вакцинацијата на возрасната популација, препораките за вакцинирање/ревакцинирање против пертусис се однесуваат првенствено на трудниците (во последниот триместар од бременоста) и на возрасните што се изложени на зголемен ризик од инфекција со пертусис“, вели проф. д-р Грозданова.
Пертусис-вакцината за возрасни не е задолжителна и не е во редовниот календар за имунизација. Проф. д-р Грозданова вели дека е достапна само за возрасната популација, која е со зголемен ризик од инфекција со пертусис.
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.
Текстот (Видео) И големата кашлица го полни џебот на приватните лаборатории, среде епидемија нема термини за тестови на државна сметка е превземен од МАКФАКС.