(Видео) Ковачевски: Владата силно го поддржува рамномерниот регионален економски развој

пред 2 години

Премиерот, Димитар Ковачевски, денеска учествуваше на настан во организација на ЗЕЛС, по повод јубилејот 50 години.

Во своето обраќање Ковачевски зборуваше за поддршката на Владата кон општините, за важноста од соработката на сите чинители централна, локална власт, како и за поддршката на ЕУ и САД во градењето на демократските капацитети за просперитет и економски напредок.

„Со проектот ‘ЕУ за општините’ со кој претседава министерот за локална самоуправа, во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра“, нагласи премиерот.

Тој истакна дека голем успех во реализацијата има и проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, за над 35 општини во земјата, спроведуван од Министерството за финансии со поддршка на Светска банка со реализација на 99 проценти од планираните капитални инвестиции во 2020 година.

„Во 2021 година, преку овој проект се реализираа капитални инвестиции во износ од 800 милиони денари.

Во рамки на годинашниот буџет за МСИП проектот пак, предвидена е реализација на повеќе проекти, меѓу кои и оној за подобрување на енергетската ефикасност во државата.

Со Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор се обезбедени средства во вкупна вредност од 25 милиони евра, од нив 5 милиони евра се предвидени за здравствени објекти и 10,5 милиони евра за проекти за општините.

Со средствата во оваа фаза енергетски ефикасни ќе станат 18 здравствени установи, како и објекти за кои 17 општини имаат поднесено 54 проекти.

Проектот за поврзување на локални патишта, од 70 милиони евра, Министерството за транспорт и врски започна да го реализира во 2019 година и ќе продолжи се до 2024 година.

Се реализира во 80 општини, се спроведуваат градежни активности за рехабилитација, реконструкција и надградба на локални патишта и улици со вкупна должина до 450 километри.

Уште еден крупен проект кој се реализираше изминатите десет години, во насока на подобрување на општинската инфраструктура е ‘Водоснабдување и одведување отпадни води’.

Со средства во вредност од 100 милиони евра поддржани се сите општини за изградба на подобра инфраструктура за водоснабдување и пречистителни станици.

Овој проект ќе продолжи и во иднина со дополнителен фонд средства за поддршка на унапредување на локалната инфраструктура.

Навистина има уште многу вредни проекти кои се реализираат во општините, ќе има и во иднина и верувам дека заеднички со сите капацитети ќе ги искористиме механизмите кои се на располагање за подобрување на животот на граѓаните“, нагласи премиерот Ковачевски во своето обраќање.

На свечениот настан зборуваа и Кејт Мари Брнз, амбасадорка на САД, Штефен Худолин, шеф за соработка на Делегација ЕУ, како и претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска.

Share
Scroll to Top