(Видео) Ковачевски: Земјата е безбедна како членка на НАТО, за економските предизвици сме подготвени

пред 3 години

Премиерот Димитар Ковачевски денеска преку социјалните мрежи се обрати до јавноста.

Во обраќањето тој се осврна на стабилноста и безбедноста на државата, економските импликации од продлабочувањето на кризата, како и на активностите и мерките кои Владата ги презема со цел да ги ублажи и амортизира негативните последици.

„Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе многу човечки животи е чин кој силно го осудуваме. Тоа е кршење на меѓународното право и е закана за евроатланската безбедност. Уште еднаш сакам да посочам дека заедно со сојузниците бараме итен прекин на воените дејствија. 21-иот век треба да е век на дијалог, не на војни“, истакна премиерот.

На граѓаните им порача дека треба да бидат спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние, како што рече, ја уживаме и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот.

„Во вакви услови на голема безбедносна дестабилизација, сфаќаме колку е значајно, да сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Затоа, ве уверувам, нашата земја е безбедна“, нагласи Ковачевски.

Сепак, премиерот додаде дека поголемите предизвици кои стојат пред нас, се економски.

„Нѐ очекува неизвесна година каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно.

Сите мои секојдневни разговори со членовите на Владата се фокусирани на следењето на состојбите со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и во регионот. Посветено работиме на мерки за да го намалиме притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството“, увери премиерот, а на институциите им порача максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативните последици.

Share
Scroll to Top