Христијан Мицкоски загубен во своите деструкции и блокади, немајќи ништо друго да им понуди на граѓаните, реши да копира концепти и политики од СДСМ, изјави портпаролот на СДСМ и пратеник, Костадин Костадинов.
Според него, „Македонија за сите луѓе“ е бледа копија на „Живот за сите“ исто како и концептот „Парите кај граѓаните“.
„Не може партија која 11 години земаше од граѓаните денеска да вели дека ќе ги враќа парите назад кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ беше против укинување на радиодифузната такса и против воведувањето на дневна евтина тарифа на струјата. ВМРО-ДПМНЕ се противеше на проектот Мој ДДВ а преку овој проект за две години вративме 36 милиони евра назад кај 400 000 граѓани“, рече Костадинов.
Тој додаде дека за време на владеењето на СДСМ, минималната плата е покачена од 9.000 денари, на 15. 200 денари, а просечната плата за само 4 години е зголемена за 6.000 денари. Покачени се и пензиите, социјалната помош, платите во здравството, образованието, полицијата, армијата, во социјалната и детска заштита.
„Ако Мицкоски навистина сака да ги враќа парите кај граѓаните, воопшто нека не чека, нека почне во сопствената партија, преку враќање на парите што Груевски ги земал од членарините за да купува плацови на Водно. ВМРО-ДПМНЕ веднаш да ги врати милионите за кои се обвинети функционери на партијата и за кои дел веќе има пресуди. Мицкоски веднаш со Груевски да ги врати од Белизе парите кај граѓаните“, порача Костадинов.
Според СДСМ, граѓаните гледаат кој враќа пари назад, а кој граба и краде за да поставува споменици, палми и лажен барок за милионски провизии.