Брзата реакција на Владата на Република Северна Македонија и мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија придонесоа да се спречи ценовен шок за граѓаните. Покачувањето на цената на струјата за следната година ќе биде 9,48% што е далеку под првичните прогнози од над 25%. Дополнително се задржува ноќната евтина тарифа на струјата, евтината тарифа во недела и рестрикции нема да има, истакна на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Со цел да се помогне на потрошувачите од ранливата категорија граѓани, додаде Кузеска, Владата дополнително обезбеди 60 милиони денари помош со Програмата за заштита на овие потрошувачи на енергија за 2022 година.
Сите овие податоци, според Кузеска, го демантираат Христијан Мицкоски кој свесно, како што рече, ја лаже јавноста, се обидува да креира паника кај граѓаните, кажувајќи дека цената на струјата ќе биде повисока до 40 отсто.
„Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ свесно прогнозираат панични бројки и посакуваат тие да бидат точни. ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски уште еднаш потврдуваат дека ниту се, ниту сакаат да бидат конструктивна опозиција во време на криза. Лажеа во екот на пандемијата од Ковид 19, лажат и сега. ВМРО ДПМНЕ не мислат и не се грижат за граѓаните, туку свесно ја користат секоја криза, секоја можна прилика, да заработуваат евтини политички поени“, истакна портпаролката на СДСМ.
Дополни дека СДСМ како партија која се води од интересите и доброто на граѓаните и државата, ќе продолжи со креирање мерки со цел намалување на последиците предизвикани од енергетската криза.