(Видео) Лукаревска: Со ребалансот власта ја турка државата во нови долгови

(Видео) Лукаревска: Со ребалансот власта ја турка државата во нови долгови

пред 6 часа

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, обвини дека ребалансот на буџетот за 2026 година претставува директно признание за погрешно фискално планирање и недоследна економска политика на Владата. Таа посочи дека основниот проблем е во значително побрзиот раст на расходите во однос на приходите, што создава нови дефицити и ја поткопува стабилноста на јавните финансии.

„Ова не е ребаланс на развојот, ова е ребаланс на погрешното планирање. И ова е економски издржана порака, затоа што бројките покажуваат дека расходите растат многу побрзо од приходите. Вкупните приходи се зголемуваат за 4,6 милијарди денари, но расходите за 11,6 милијарди денари. И разликата не ја затвора економијата, туку нов дефицит“, рече Лукаревска.

Таа посочи дека Владата со самиот ребаланс практично признава дека првичниот буџет не бил реално поставен и дека сега се отвора простор за ново задолжување:

„Владата не бара ребаланс затоа што економијата оди подобро од планираното, туку затоа што буџетот, што сама го предложи и го изгласа, не ја издржа првата половина од годината. И понатаму, најголемиот дел од буџетот е насочен кон тековна потрошувачка, додека развојната компонента и понатаму останува релативно мала“, нагласи Лукаревска.

Лукаревска потенцираше дека со ребалансот нема да се подобри, туку, напротив ќе се влоши животниот стандард на граѓаните, бидејќи е проектираа инфлација од 4,5 што е поголема од ветените 2, 5 проценти.

„Ребалансот не нуди одговор на животниот стандард: инфлацијата ја јаде платата, а буџетот ја шири потрошувачката без структурен антиинфлаторен ефект. Цените растат, храната расте, базичната инфлација останува висока, а ребалансот повеќе прераспределува отколку што ја зголемува продуктивноста. Граѓаните плаќаат двапати: еднаш преку повисоки цени, вторпат преку повисок долг“, рече Лукаревска.

Таа посочи дека ваквиот пристап не го штити животниот стандард:

„Ако владата троши повеќе, а тоа не создава реална продуктивност, товарот останува врз граѓаните. Ова не е начин да се заштити животниот стандард“, заклучи Лукаревска.

Текстот (Видео) Лукаревска: Со ребалансот власта ја турка државата во нови долгови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top