(Видео) Маричиќ: Методологијата за прочистување на правосудството ќе биде одобрена до крајот на годината

пред 3 години

На настан на Државната комисија за спречување на корупцијата, кој се одржа по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, министерот за права, Бојан Маричиќ, најави дека очекува Методологијата за прочистување на судството и обвинителството да биде одобрена на 28 декември од Советот за реформи во правосудството.

Во обраќањето, Маричиќ истакна дека корупцијата секаде во светот директно го загрозува јавното добро и влијае на квалитетот на јавните услуги, а особено последиците се видливи и во квалитетот на правдата во судовите и обвинителствата.

Министерот ги наведе позитивните наоди од Извештајот на Европската комисија во делот на борбата против корупцијата, но потенцираше дека, сепак, граѓаните очекуваат опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот или досието со конечни пресуди за случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со понатамошна конфискација на имот стекнат со криминал.

„За враќање на јавната доверба во системот на борба против корупција и криминал, многу е важно обвинителството да ги продолжи постапките со ефикасно постапување пред судовите, а судовите да ги завршат постапките со конечни пресуди, особено оние кои ги отвори СЈО и коишто повеќе години се наоѓаат во судските лавиринти“, кажа Маричиќ.

Тој истакна дека довербата во правосудството може да биде подигната единствено доколку сите нови случаи кои излегле или ќе излезат да бидат процесуирани.

„Со моето доаѓање во Министерството за правда најавив дека за неколку месеци ќе објавиме методологија според која ќе се филтрира судството и обвинителството. Изработката на оваа методологија можам да кажам дека е во завршна фаза иако пандемијата малку не забави, но процесот е на крај, очекувам до крајот на годината таа да биде усогласена со Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители, а исто така на 28 декември оваа година да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството“, рече министерот.

Маричиќ истакна дека очекува конкретни насоки и временски рамки од Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители како ќе ги прочистат своите редови и која ќе биде улогата на Државната комисија за спречување на корупција.

Share
Scroll to Top