Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Текстот (Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат е превземен од МАКФАКС.






