(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови

(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови

пред 8 часа

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска демантираше дека Договорот за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Велика Британија предвидува изградба на бегалски кампови во земјава.

Според него, договорот е еден од најзначајните документи што Македонија ги има постигнато со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија.

Со овој договор за стратешко партнерство предвидени се одредени средства со коишто ќе се гради инфраструктура во Македонија. Ќе се градат железници, автопати, здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но за жал на опозицијата, која се обидува да спинува, нема да се градат било какви бегалски кампови. Британија, откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западниот Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс таму каде што Македонија и земјите членки на ЕУ и земјите кандидати имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите. Тоа го прави Британија со овој дополнителен механзам, којшто е комплементарен со Фронтекс. Нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партии од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија. И тоа сакаме јасно да го демантираме. Сите оние кои се обидуваат оваа тема и понатаму да ја спинуваат, очигледно имаат недостаток или на визија или на проекти кои би ги понудиле како Македонија да има постабилни партнери и постабилни држави-пријатели како што е Велика Британија“, истакна Милошоски.

Претходно, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.

Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие би имале можност да заминат кога ќе посакаат.

Текстот (Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top