(Видео) Милошоски: Заев да открие дали прифатил бугарската декларација да стане составен дел од преговорите со ЕУ?

пред 5 години

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски ги повика премиерот Зоран Заев и посредникот во спорот со Бугарија, Владо Бучковски да обзнанат за што преговараат како што рече, тајно во Софија.

„Сметаме дека овие преговори кои што ги водат Заев во Скопје, и Бучковски во Софија далеку од очите во јавноста се на штета на македонските национални интереси и се спротивни на европските вредности. За тоа што се преговара за етногенезата на еден народ, на Македонците и за автономното настанување на континуитетот на македонскиот јазик“, рече Милошоски.

„Зоран Заев овие денови со неговиот дует Бучковски преговараат за нешто што веќе Заев го најави во скандалозното интервју пред половина година дека ќе потпише анекс или друг облик на гаранција кој што ќе значи прифаќање на анахроните позиции кои што беа изгласани во декларацијата на бугарското собрание. Истите се спротивни на македонските национални интереси и се косат со европските права и слободи на секој народ. Самиот Заев тогаш рече дека е блиску до решение, но реакцијата на јавноста беше единственото нешто што го спречи да го направи тоа предавство“, истакна тој.

Милошоски најави дека ќе се соочат со силна реакција од народот во институциите и на улиците во секоја можна форма доколку како што рече, двоецот Заев – Бучковски се обидат преку овие тајни преговори кои во изминативе три дена се водат во Софија повторно да направат уште едно предавство.

„Да потсетиме дека декларацијата која што беше прифатена во парламентот во Софија е исклучително штетна и не носи ништо добро за едни рамноправни и добрососедски односи. Туку целата е анахрона и има негаторски став кој што значи понижување за еден од соседите, а тоа е Македонија како матична држава на македонскиот народ. За тоа сметаме дека двоецот Зоран Заев и Владо Бучковски треба пред македонската јавност да го покажат нацрт текстот на она што го подготвуваат со нивните преговарачи во Софија, во кој што како што дознаваме од дипломатски извори прифаќаат декларацијата на бугарското собрание да стане составен дел од преговорите на Македонија за ЕУ“, потенцира Милошоски.

Според него, секоја држава која што е кандидат за членство има преговарачка рамка со ЕУ, и таа преговарачка рамка треба да ги содржи стандардите на ЕУ и нивното достигнување, но ниедна земја досега не прифатила во преговарачката рамка да се постават услови кои што значат обезличување на идентитетот на еден народ затоа што тоа е спротивно на вредностите на ЕУ.

Во таа Декларација која беше прифатена од бугарското Собрание, смета Милошоски, се негира и постоењето на македонскиот јазик и постоењето на АСНОМ, а како што вели, се негира и постоењето на антифашистичката борба на македонскиот народ.

„Заев затоа крие, Бучковски затоа молчи. Сметаме дека двајцата, овие корумпирани политичари немаат ниту легитимитет ниту право да направат ваква долготрајна штета на македонските национални интереси и само за да си ги зачуваат своите позиции кои се поврзани со многу афери и корупција да прифатат бугарската Декларација да стане дел од преговарачката рамка на Македонија во ЕУ, односно да стане дел од поглавјето темели и дел од поглавјето број 35 кое што се однесува на други прашања поврзани со соседите земји членки на ЕУ“, додаде Милошоски.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ внимателно и будно го следи овој процес, и предупредува дека ова е многу штетно за Македонија, и дека тајните преговори оставаат голем сомнеж дека Заев повторно во преговорите на прво место ќе ги стави своите лични, функционерски и коруптивни интереси, а на штета на македонските национални и долгорочни интереси, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија не смее да биде понижена и не смее да ги прифати условите кои се ретроградни од Декларацијата од бугарското Собрание да станат услови за преговори и членство во ЕУ“, истакна Милошоски.

Share
Scroll to Top