Денес власта на срамен, недоличен и со нечовечки пристап прави церемонија со пренос во живо од транспортот на починатите. Згрозени сме, наместо да покажат почит кон починатите, Забрчанец не се воздржува од себепромоција па на социјалните мрежи објавува фотографии со наслов: Одиме во живо наскоро. Ова е невкусно, во ваков траорен миг не треба да се размислува за промоција туку потребна е одговорност. Нема никаков одговор за автобуската несреќа, се уште се обидуваат да ја зачуваат власта преку одржување на нивната неспособна коалиција, а бугарските власти веќе дадоа првични информации по спроведената истрага, реагира портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Според бугарските обвинители и истражители позната е причината за несреќата. Согласно информациите во медиумите констатирано е дека автобусот бил стар и „репариран“ во Турција и дека целата опрема му е заменета, а допрва треба да се разјасни кои од деловите биле оригинални, фабрички, а кои не. Овие информации само ги потврдуваат претпоставките кои пред неколку дена на прес-конференција ги поставивме како прашања до СДСМ“, истакна Митева.
Власта, рече Митева, треба да одговори дали е вистина дека автобусот фабрички бил наменет за превоз на 49 патници и како таков е увезен и возилото првично е регистрирано на прилепски таблици, за по неколку дена автобусот да е препродаден и пререгистриран на скопски регистарски таблички? Дали согласно историјатот на промени на регистарски број и орган на регистрација автобусот е регистриран на прилепски таблички на 13.10.2020 година и само после два дена, на 15.10.2020 е направена промената на скопски регистарски таблички?, запраша портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали согласно историјатот на промени на носивост, број на места за седење автобусот има 49 седишта на 14.10.2020 година, а промената на 54 седишта е направена на 08.02.2021 година? Дали само после неколку месеци во сообраќајната дозвола намената односно носивоста му пораснала на 54 патници односно за повеќе од 10% од фабрички утврденото? Кој имал направено хомологација – атест и го одобрил тоа? Дали поради оваа сомнителна промена автобусот не можел да добие соодветна лиценца за меѓународен транспорт?“, се дополнителните прашања од страна на Митева.
Ова, според неа, се сериозни индикации за сторена злоупотреба и доколку е вистина одговорност, како што рече, мора да понесат сите од власта затоа што поради пропустите во системот 45 граѓани ги загубија своите животи.
„СДСМ и ДУИ мора да запрат со добро позната тактика која ја применуваат за префрлување на вина, а одговорност од никого. Ниту еден од нив не понел одговорност за случувања кои се под нивна надлежност во институцијата што ја раководат, а имаат должност и обврска да водат сметка за начинот на раководење и за резултатите од тоа. Оставките и ослободување на институциите се механизми за понесување политичка одговорност, кога веќе ја немаат моралната одговорност“, нагласи Митева.