Мојата порака до политичарите да седат настрана од синдикалните здруженија, политичарите треба да водат политика и да ја водат Македонија напред, а не да се мешаат во работата на синдикалните здруженија. Може да дадат поддршка или да изразат неподдршка кон овие синдикални организирања, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски околу најавите за протести од страна на синдикатите.
„Можеа да дадат поддршка или да изразат неподдршка кон овие синдикални организирања. Нашиот став како политичка партија, а и мојот личен став е дека даваме недвосмислена поддршка кон синдикатот за манифестирање на револт и пркос за реализирање на сопствените права. Зборувавме дека ќе ја отворат пандорината кутија, таа е веќе отворена и тешко дека таа ќе се затвори“, нагласи Мицкоски.
Дообјасни дека сега протестираат вработените во градинките, основните и средните училишта, штрајкуваат државните службеници, матичните лекари а наскоро, како што рече, ќе штрајкуваат сите, практично штрајкуваат сите.
„Се најавува штрајк во пошта, агенција за цивилно воздухопловство. Имаме држава која се распаѓа. Го апсат секретарот на Влада затоа што земал мито, имаме основано сомневање дека има еден куп вакви криминални случаи. Министер за правда на отворена сцена манифестира дека имаме заробено судство, на левата страна седи обвинител а на десната седи судија.Зарем уште нешто треба да и се случи на Македонија за да овие политичари се вразумат и конечно да одиме на предвремени парламентарни избори“, запраша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Знам дека се плашат, знам дека они ништо друго во животот не знаат освен привилегиите, црвените дебели ќилими, кожните фотелји и практично да ја злоупотребуваат маката на народот трошејќи ги нивните пари. Знам дека ништо друго не знаат да прават, но еднашка нека се охрабрат, еднашка нека излезат од нивните партиски ниски страсти и нека дозволат народот да си избере Влада онаква каква што сака. Влада која што ќе ја води напред Македонија и Влада која ќе биде на народот а не Влада на неколку фамилии“, кажа Мицкоски.