Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешната изјава во пресрет на настанот за промоција на кандидатот на градоначалник на општина Гази Баба, во врска со скандалот со македонските дипломати, истакна дека мафијата не била само во МВР туку, како што кажа, е распространета и во македонската дипломатија, a оваа власт продолжува да ја гуши и срами државата.
„Кога на почетокот ја обелоденивме онаа афера со лажните пасоши, со пасоши кои се даваат на балкански нарко-босови, тогаш од страна на власта бев обвинет дека сум саботирал акција која била во тек, сега видовме дека мафијата не е само во МВР, туку мафијата своите пипци ги пуштила и во дипломатијата, затоа имаме случај каде по дипломатски канали биле евакуирани лица кои биле барани преку Интерпол и останатите партнерски држави“, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека сето ова е дел од, како што кажа, политичкото мочуриште коешто владата на СДСМ и ДУИ го донела во Македонија.
На настанот за промоција на кандидатите за градоначалници во Гази Баба ги претстави Бобан Стефковски и Данела Арсовска како идни градоначалници на општината односно на град Скопје.