Започна изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проект вреден 42 милиони евра, информираше премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека станува збор за стратешка инвестиција во високото образование и во младите.
„Со започнувањето на изградбата на новиот, модерен кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, ја потврдуваме нашата цврста определба – да инвестираме во знаење, во младите и во развојот на високото образование“, рече Мицкоски.
Како што истакна, Владата обезбедила вкупно 42 милиони евра за реализација на проектот, од кои 40 милиони евра се наменети за изградба на објектите, а околу два милиони евра за надзор на градбата.
Новиот кампус ќе се гради на површина од 31 илјада квадратни метри и ќе опфати модерни објекти, амфитеатри, студентски простори, спортски сали, базен и инфраструктура наменета за потребите на современото високо образование.
Мицкоски нагласи дека инвестицијата е дел од поширока визија за развој на образованието.
„Нашата визија е јасна: образованието мора да биде темел на развојот на државата. Нема силна економија без силни универзитети. Нема модерна држава без образовани и мотивирани млади луѓе“, изјави тој.
Тој додаде дека универзитетите треба да бидат центри на знаење, истражување и иновации, каде ќе се подготвуваат нови генерации кои ќе ја водат државата напред.
Текстот (Видео) Мицкоски: Почна изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, инвестиција од 42 милиони евра е превземен од МАКФАКС.






