(Видео) Пендаровски: Да го оствариме сонот на нашите херои за праведно и слободно општество

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свеченоста што по повод 80-годишнината од Денот на народното востание, 11 Октомври се одржа во меморијалниот комплекс Могила на непобедените во Прилеп.

„Пред малку тука се поклонивме пред 462 имиња на паднати борци. Овде стоиме меѓу осумтте урни на Могилата на непобедените, од кои највисоката и најубавата го симболизира вечниот пламен на слободата“, посочи Пендаровски.

Предсетателот рече дека не можејќи повеќе да го гледаат теророт врз народот, на 11 октомври 1941 година, борците на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го означиле почетокот на народното востание.

„Тогаш започна последна етапа на историскиот континуитет на борбата за слободна македонска држава. Континуитет, затоа што тие продолжија да чекорат по патеката на Илинденците. Меѓу партизанските одреди ниту еден не беше именуван според Маркс, Енгелс или Сталин. Наместо тоа, тие ги носеа имињата на македонските револуционери Даме Груев и Пере Тошев, Сандански и Влахов, Питу Гули и Добри Даскалов“, нагласи Пендаровски.

Како што рече претседателот, неспорен историски факт е дека востанието во своите редови ги имало речиси сите идеолошки струи на македонското ослободително движење.

„Во тој единствен фронт влегоа и антифашистите и демократите и комунистите. Во партизанските одреди пристапија и старите Илинденци и Шпанските борци и напредните студенти. Меѓу нив имаше Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Евреи, христијани, муслимани и атеисти. За надидеолошкиот карактер на борбата зборува и фактот дека партизаните на слободните територии не инсталираа комунистички режим, туку создаваа нови органи на народната власт како никулци на идната слободна македонска држава. Тие органи ги избраа и делегатите за АВНОЈ и АСНОМ. Тие органи го избраа и Методија Андонов Ченто, кој иако не беше член на Комунистичката партија, стана прв претседател на президиумот на АСНОМ“, нагласи Пендаровски.

 

Во крајот на својот говор Пендаровски рече дека пред нас е задачата да ги чуваме слободата и демократските вредности, и посветено и одговорно да придонесуваме за соживотот.


„Република Северна Македонија мора да продолжи да вложува напори да биде дел од прогресивниот свет, притоа, водејќи сметка за достоинството и на граѓаните и на државата. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото и подигнување на квалитетот на животот, да ја вратиме надежта кај младите дека можат да се остварат тука, во својата татковина. И со тоа да целиме кон праведно и слободно општество на еднакви, за какво што сонуваа нашите славни херои во чија чест сме денес сите ние овде собрани“, заклучи претседателот.

 

Share
Scroll to Top