(Видео) Пендаровски: Да не се брза со решавање на проблемот со Бугарија

пред 2 години

Претседателот Стево Пендаровски смета дека во решавањето на спорот со Бугарија не треба да се брза, бидејќи, според него, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник.

Тој вели дека наместо тоа, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на граѓаните. Според него не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата.

„ И доколку ваквата ситуација потрае, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат. Откако нашиот пат кон ЕУ унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“ , порача Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.

Тој нагласи дека се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.

„ Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид, рече претседателот во обраќањето на кое присуствуваа и високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.

Share
Scroll to Top