(Видео) Пендаровски: Ужасните слики кои доаѓаат од Авганистан не беа можни додека нашите војници беа таму

пред 3 години

Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше и се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги ja одликуваше Армијата на Република Северна Македонија за професионалноста и за посветеноста на нејзините припадници, учесници во Меѓународните безбедносни сили за помош (ИСАФ) и во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан.

„Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму. Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија“, рече претседателот Пендаровски.

Тој се наврати и на почетоците кога нашите војници започнаа да се вклучуваат во овие меѓународни мисии.

„Во 2002 донесовме тешка одлука да испратиме наши војници во Авганистан, врз основа на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, 1386. Иако бевме тукушто излезени од внатрешниот конфликт, Собранието во август 2002 со целосен консензус на сите политички субјекти, без и еден глас против ја донесе првата Одлука за наше учество во меѓународната мисија ИСАФ.

Во текот на овие 19 години, над 3.300 припадници на Армијата учествуваа во оваа исклучително сложена меѓународна мисија. Првата ротација ја започнавме како кандидат, а последната ја завршивме како членка на НАТО. Кога денес ја сумираме оваа мисија, јасно е дека без учество во мисијата во Авганистан немаше да станеме членка на НАТО алијансата. Безмалку 20 години, македонските мировници му помагаа на народот на Авганистан да живее во постабилно опкружување и сето тоа без ниту една жртва од нашите мировници“, нагласи претседателот.

Пендаровски го додели и признанието Повелба на Република Северна Македонија на потполковник Егил Далтвејт, припадник на вооружените сили на Кралството Норвешка, на Центарот за странски јазици при Армијата на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон при Армијата на Република Северна Македонија.

Share
Scroll to Top