(Видео) Петрушевски: За два месеца 50 разбојништва во Скопје и 3.500 кривични настани низ државата

пред 3 години

Поминаа 60 дена откако Оливер Спасовски беше реизбран за министер за внатрешни работи, а овие 60 дена криминалот буквално метастазираше, обвини на денешната прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако мислевме дека видовме се од неспособноста на Спасовски досега, од делење на 215 пасоши на белосветски криминалци, до фаќање на полициски началник со дрога од страна на американската ДЕА, сега во овие 60 дена гледаме дека Спасовски може и полошо“, додаде Петрушевски.

Како што рече тој, од јануари до денес на територија на Скопје има преку 50 разбојнички кражби како од криминалистичките филмови.

„Буквално во секоја општина секојдневно криминалците пљачкаат со употреба на калашникови, сред бел ден ограбуваат продавници, банки, кладилници, приватни бизнисмени, куќи, легнуваат вработени по земја, ги тепаат, ги малтерираат и со парите си одат како ништо да не било. Таков беше и последниот случај со ограбувањето на банка во Скопје во кој учествувале полицаец и наркобос кој требало да биде во куќен притвор“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, министерот Спасовски треба да каже зошто криминалците се чувствуваат слободни и заштитени да прават дрски вооружени грабежи.

„На ниво на цела Македонија за само два месеца има над 3.500 кривични настани и тешки кражби каде Битола и Велес водат по сите параметри, или ако сакате попрецизно за овој период од два месеца само во Скопје имало 516, во Битола 300, Велес 110 тешки кражби и илјадници други дела“, посочи Петрушевски додавајќи дека ова е цената која граѓаните ја плаќаат поради неспособноста на министерот Спасовски.

Share
Scroll to Top