Насекаде владее општа мизерија, заради власта која е неспособна, а Љупчо Николовски и Драги Рашковски, баш во овој момент решија да се почестат одмори во Дубаи и Мексико од по десетици илјади евра, рече на прес-конференција, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Ова се луѓе одлепени од реалноста и забегани од криминалот. Од тоа што може да се види низ интернет-страниците одмор во Дубаи чини околу 10.000 евра, односно 600.000 денари, тоа е колку годишните примања на една цела фамилија, од тие пари тие плаќаат сметки, живеат, школуваат деца, па можеби и одат на одмор, ама не во Дубаи како Љупчо – путерот“, нагласи Петрушевски.
Според него, Рашковски во поглед на раскош и гламур го надминал Николовски, а како што кажа, тоа се гледа на интернет страниците на туристичките агенции, каде одмор во Мексико во овој дел од годината, со хотелско сместување и авионски карти чини некаде околу 20.000 евра.
„Само одморот на Рашковски чини колку 200 ваучери за туризам или 200 одмори на просечниот Македонец. Двајцата врвни луѓе на Заев за одмор трошат буквално колку еден стан“, нагаласи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ кој побара итни оставки.