Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминалденеска донесе наредба за истрага против три лица за кои постои сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Oд МВР за истиот случај додаваат дека вчера (25 јануари) бил спресечен транспорт на марихуана, со вкупна тежина од 25,3 килограми, вредна 50.000 евра, при што лишени од слобода се М.А.(63), Д.К.(45) и Ј.К.(82).
Првоосомничениот во текот на овој месец организирал неовластена набавка и пренесување на марихуаната, при што го ангажирал второосомничениот Д.К. дрогата да ја пренесе во куќа што првоосомничениот ја изнајмил, во викенд населбата Голиово во општина Чучер Сандево.
На 24 јануари второосомничениот, по претходни инструкции добиени од М.А., ја презел дрогата спакувана во една вреќа, една патна торба и еден куфер, ја сместил во изнајмено возило и ја однел на договореното место каде што го чекал првоосомничениот и заедно ја сместиле дрогата во куќата, по што заминале.
Во текот на вчерашниот ден првоосомничениот се вратил во куќата, а по него пристигнале и другите двајца осомничени.
Тројцата влегле кратко време во куќата, а на излегување изнеле две црни вреќи што ги сместиле во задниот дел на возило со кое управувал второосомничениот Д.К, па заедно со третоосомничениот како совозач, се упатиле со возилото кон излезот на Скопје, додека првоосомничениот М.А. останал во куќата.
По кратко време на автопатот Скопје – Штип во близина на местото викано Преод, околу 11:30 часот, осомничените биле запрени од полицијата и при преглед на возилото се пронајдени дваесет најлонски пакувања со марихуана со вкупна тежина од околу 10 кг и една торба со остатоци од марихуана, кои се одземени од второосомничениот, а двете лица се лишени од слобода.
Во меѓувреме, првоосомничениот од куќата изнел едно пластично буре и една патна торба, ги сместил во багажниот простор на возилото со кое управувал и се упатил кон Скопје каде на улицата Јадранска магистрала, околу 14 часот, бил запрен од полицијата и при преглед на возилото биле откриени 30 поголеми полиетиленски паковки со марихуана, една помала полиетиленска паковка, заедно со вкупна тежина од над 15 килограми, како и една зипер кеса со непозната растителна материја, а и две дигитални ваги кои се одземени од првоосомничениот, а тој е лишен од слобода.
Тројцата осомничени во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија при Основниот кривичен суд – Скопје.
Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, на судот ќе му предложи на осомничените да им биде изречена мерка притвор.