(Видео) Рамбабова: Мерките се неопходни за заштита, Мицкоски да повика на вакцинација а не да поткопува

пред 3 години

Растечкиот број случаи на новозаразени од коронавирусот повикуваат на одговорност и разум од секој поединец, од целото општество, изјави на денешната прес конференција, пратеничката од СДСМ, Емилија Рамбабова.

Таа оценува дека исклучително е важно што повеќе граѓани да се вакцинираат во овој период и да не наседнуваат на лажни информации.

Вакцините, рече Рамбабова, докажано штитат од тешки форми на болеста „Ковид-19“, од секој сој и се најефикасната алатка за справување со пандемијата.

„Едноставно кажано, повеќе вакцинирани, значи помалку хоспитализирани и помалку рестрикции. Дезинформациските кампањи и теории на заговор пласирани од разни центри, кои ги одвраќаат луѓето од имунизацијата и сеат недоверба кон медицината и науката се на штета на здравјето на граѓаните. Затоа, да бидеме разумни, да бидеме одговорни кон себе и кон другите и да го дадеме својот мал, но значаен придонес во оваа борба која е заедничка за целиот свет“, рече пратеничката од СДСМ.

Новите рестриктивни мерки кои се најавени, според неа, мора да стапат на сила пред состојбата дополнително да се влоши. Истовремено, нагласи дека сите граѓани треба да бидат внимателни и да ги почитуваат мерките за лична заштита.

„Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Затоа и многу други држави ги применуваат. Тие не го „делат народот“ како што неодговорно вели Христијан Мицкоски, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Се додека седи на страна, се додека го гледаме по кафани и теретани и ја игнорира маката на народот, Мицкоски останува политички и здравствен пироман“, потенцира таа.

Додаде дека и Мицкоски треба да излезе и да ги повика граѓаните да се вакцинираат, да ги почитуваат мерките, наместо како што рече да го поткопува здравствениот систем.

Share
Scroll to Top