Ги спремивме новите бомби 2.0. Најавувам дека утре следува нова. Нов скандал, нова корупциска шема поврзана со членови на владејачката гарнитура. За сè имаме докази, имаме документи и ќе ги презентираме пред јавноста, изјави на денешната прес – конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој најави нов фронт за борба против криминалот на актуелната власт.
„Ова е нов фронт, фронт заедно со граѓаните, во борба против корупцијата на оваа криминална и ненародна власт“, истакна Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе побара поддршка и од институциите кои со децении биле симбол на бескомпромисна борба против мафијата, споредувајќи го криминалот на ВМРО-ДПМНЕ со оној на италијанската Коза Ностра.
„Ќе поднесеме иницијатива до антикорупциските институции во Италија, кои со години и децении се бореа против најорганизираната европска мафија – Коза Ностра. Кога тие успеаја да се справат со Коза Ностра, можеме и ние во тука да се справиме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче порача дека е крајно време да се расчисти со сите корупциски шеми што ја разоруваат државата.
„Превенцијата не успеа. Корупцијата ескалираше и мора да се истражи сè. Крадењето мора да престане. Секој што крадел ќе одговара,“ додаде тој.
Филипче ја информираше јавноста дека партијата формира нов Антикорупциски тим, како дел од програмата „Нова сила“.
„Сакам да информирам јавноста дека веќе формиравме т.н антикорупциски тим во рамките на нашата програма „Нова сила“. Антикорупцискиот тим е еден од столбовите на оваа нова програма. Дозволете да го образложам, што тоа претставува. Тоа е професионален тим, советници, експерти во областа на правото, во областа на финансиите“, изјави Филипче.
Филипче посочи дека тимот во кој ќе има и млади активисти и истражувачи на СДСМ, ќе работат на откривање и документирање на корупциските скандали.
„Што ќе работи овој антикорупциски тим? Токму тоа што го гледаме овие денови – ќе истражуваат скандали, ќе анализираат документи, ќе ги презентираат пред јавноста и ќе ги разоткриваат сите корупциски шеми на оваа криминална власт. Ќе поднесуваме и соодветни пријави до национални и меѓународни институции“, нагласи претседателот на СДСМ.
Најави дека во скоро време ќе биде објавена и платформа на која што било кој граѓанин од било каде во државата, од било кое село, град, општина, регион, ќе може да пријавува корупција.
Текстот (Видео) СДСМ најави објавување нови бомби 2.0 е превземен од МАКФАКС.






