Наставниците треба интересот на децата да го стават на прво место, а решенијата да се бараат преку социјален дијалог, порача на денешната прес-конференција, Даниела Колева од СДСМ, додавајќи дека во изминатите четири години платите во образованието и во детската заштита СДСМ ги зголемиле од 3.200 до 6.400 денари, токму преку дијалог.
„Наставник во основно образование денес добива повисока месечна плата за над 3.200 денари, додека воспитувачките во градинките имаат плати повисоки за над 6.000 денари, споредено со периодот од пред четири и пол години, односно во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Колева.
Таа додаде и дека минималната плата е покачена двојно од, како што рече, времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите овие политики ги носевме низ дијалог со синдикатите, работниците и надлежните институции. Така и ќе продолжиме, низ дијалог ќе најдеме решение со СОНК кое ќе биде во интерес на наставниците, на учениците и нивните родители. Затоа, апелираме до СОНК и наставниците, да се водат од интересите на учениците, зголемувањето на платите во образованието и детската заштита да се реализира преку решение до кое ќе се дојде со дијалог“, посочи претставничката на СДСМ.