(Видео) Спасовски: Буџетот на МВР за 2021 е развоен, за континуирано реформирање на полицијата

пред 3 години

Буџетот на Министерството за внатрешни работи за 2021 е развоен, за континуирано реформирање на полицијата, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој кажа дека предлог буџетот за МВР за 2021 година е  10.455.110.000 денари и е за 312.452.000 денари поголем од буџетот за 2020 година, односно е зголемен за 3.08%.

„Притоа, зголемувањето е обезбедено во ставките кои означуваат реконструкција и изградба на објекти, како и во непречена реализација на континуираното обезбедување униформи за полициските службеници и лична заштитна опрема. Сето ова укажува на развојната компонента на буџетот, која е во насока на подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на министерството, како и непречено функционирање за остварување на основните стратешки приоритети и цели, согласно стандардите на НАТО и ЕУ“, истакна министерот за внатрешни работи.

Како дел од проектите е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, имајќи предвид дека во претходниот период беа делумно или целосно реконструирани 45 објекти на министерството, во сите сектори за внатрешни работи, а се отпочна со изградба и на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување на континуитет во работењето во Прилеп, како и на градбата на новите современи форензички лаборатории.

Покрај ова, министерот Спасовски го образложи и проектот „Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација“, предвиден во новиот буџет, со кој се зголемува откривачката функција на полициските служби.

„Втората основна цел, која преку овој развоен буџет сакаме да ја оствариме, а е суштински испреплетена со првата, е создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која ќе биде блиска до граѓаните и на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ги гарантира нивната целосна лична и имотна сигурност, и ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи во превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејствија“, појасни Спасовски.

Тој кажа дека е направено кратење на средства кои претставуваат непродуктивни трошоци.

„Така, не се превидени средства за купување на мебел и за возила, односно дел од овие средства се пренасочени за набавка на опрема, согласно стандардите и барањата за интеграција во ЕУ и НАТО“, рече Спасовски.

По минатогодишното доброволно исплаќање на 139.589.212 денари за бонус плата на 5.012 вработени за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2019 година, министерот Спасовски најави дека со буџетот за 2021 повторно се обезбедени средства во износ од 150.000.000 денари за бонус плата за 2020 година. Покрај ова, а благодарение на остварените заштеди во годинешниот буџет, обезбедени се и средства за исплата на бонус плата во износ од околу 78.500.000 денари за 2017/2018, чија реализација ќе се одвива во наредниот период.

Share
Scroll to Top