(Видео) Спасовски на седница на локалниот совет на Општина Гази Баба

пред 4 години

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на покана на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска учествуваше на седницата на Локалниот совет за превенција на општината, која во изминатиот период реализираше бројни активности со цел подготвено започнување на новата учебна година, спречување на ширење на вирусот Ковид-19 меѓу најмладите и обезбедување на средства за нормално функционирање на онлајн наставата.

„ За мене и за Министерството за внатрешни работи овој локален институт претставува еден од суштинските инструменти не само во реализирањето на превентивните активности во доменот на полициското работење, туку и во реализацијата или целосното заживување на концептот за ‘community policing’, односно полицијата – сервис на граѓаните, што веќе со години наназад го градиме заедно со нашите партнери, мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот посочи дека превентивните активности на Локалниот совет во контекст на кризата што ја предизвика пандемијата од КОВИД-19, како низ призма на ефикасна безбедносно здравствена заштита, пред сѐ на децата, во пресрет на отпочнатата нова учебна година, така и на сите граѓани на територијата на општината, заслужуваат посебно внимание и од страна на полицијата и сите други надлежни институции и служби.

„ Врз основа на искуството од изминативе неколку месеци, ваквите кризни ситуации можат да се превенираат единствено преку целосен заеднички ангажман и посветеност буквално на сите чинители во општеството, поточно на институциите и граѓаните заедно“, истакна министерот Спасовски, изразувајќи уверување дека Локалниот совет за превенција и понатаму ќе носи адекватни и квалитетни мерки, што по својот опфат и карактер ќе гарантираат здравствена безбедност на секој поединец во секакви околности, на училиште, на работното место, во јавниот простор.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Димитриевски, потенцираше дека општината, преку кризниот штаб, уште од почеток на пандемијата ги презема сите можни мерки за спречување на ширењето на вирусот, како дезинфекција на сите јавни објекти, на сите 11 училишта и градинките, подготвување и имплементација на протоколи за сите основни училишта, со што наставата отпочна безбедно, како и обезбедени компјутери и пристап до интернет за учениците и наставниците. Димитриевски изрази увереност дека преку Локалниот совет за превенција ќе се артикулираат теми и ефикасни решенија за спречување на ширењето на вирусот, но и за превенирање на многу други прашања како спречување на меѓуврсничкото насилство и говорот на омраза помеѓу учениците на социјалните мрежи.

Share
Scroll to Top