(Видео) Спасовски со детали за акцијата во која беа уапсени полицајци и цариници

пред 2 години

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција сподели детали во врска со истрагата, во која беа уапсени тројца службеници на МВР и петмина царинци.

Тој истакна дека акцијата била реализирана во подолг временски период од околу 9 месеци по насока на Јавен обвинител од Специјалното одделение за гонење на овластени службени лица во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Во текот на истрагата биле потврдени сомненијата дека лицата се инволвирани во набавка и продажба на наркотична дрога, пред сè кокаин, но и марихуана, на лица, заинтересирани купувачи на територијата на Куманово но и на територијата на Скопје.

„ По претходно добиени информации дека лицата опфатени во истрагата преземаат активности поврзани со криумчарење и пренесување на нелегална стока од територијата на нашата држава до територијата на Р.Косово, преку зелениот појас на граничната линија, во пределот на Граничниот премин Белановце, во соработка со надлежните служби од косовска страна на 02.11.2021, во близина на с.Жегра во Косово, е сопрено товарно возило „комбе“, во кое се пронајдени 190 кг различни видови медикаменти во вид на таблети. Истрагата за осомничените лица продолжи, по што на 05.11.2021, по претходно добиени информации дека осомничените се подготвуваат да преземат активности на Меѓународниот аеродром Скопје, при што лицата презеле пратка, како резултат на активностите на полициските службеници на МВР, во непосредна близина на Меѓународниот аеродром Скопје запрено е товарно возило „комбе“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од лице кое е во роднинска врска со двајцата осомничени полициски службеници , додека еден од полициските службеници опфатени во истрагата имал улога да биде „чистач“, односно да го обезбедува возилото со пратката во него. Под сомнение дека со комбето се пренесува стока преземена од Меѓународниот аеродром Скопје, поточно од карго терминалот, за која осомничените немаат соодветна документација, од страна на полициски службеници надлежни за истрагата, побарана е асистенција од Царинската управа, со цел проверка на стоката која лицата ја презеле од карго терминалот“ изјави Спасовски.

Тој дополни дека дд страна на Царинската управа испратен е тим од царински службеници од Секторот за контрола и истраги, кои по доаѓање на лице место не ги преземале потребните мерки согласно нивните законски надлежности со цел да извршат контрола на стоката, туку ги информирале полициските службеници дека од извршената контрола не се констатирани неправилности, односно сè е во ред со стоката, а царинските давачки се уредно платени. Тие, под изговор дека ќе ја однесат стоката на дополнителна проверка и физичка контрола во царински терминал на подрачјето на Куманово, со службено царинско возило, „чистејќи“ го патот, го предводеле натовареното комбе до крајната дестинација – приватен имот во домот на еден од осомничените, каде што се чувала стоката. Откако царинските службеници од Секторот за контрола и истраги од Царинската управа со стоката пристигнале во домот на осомничените лица, тие си заминале кон Скопје, а од страна на полициските службеници комбето е затекнато во двор од куќа на еден од осомничените и по претходно обезбедена наредба од судија на претходна постапка од Основен суд Куманово, извршен е претрес во возилото и во куќата. При претресот било утврдено дека во возилото има 13 големи кутии, во кои вкупно има 1.555.600 таблети без фабричко пакување и без упатство, од египетска фирма. Притоа, фактурата согласно декларацијата, според која станува збор за галантерија за мобилни телефони и компјутери, за која биле платени давачките од страна на шпедицијата изнесува околу 3.500 долари, но по извршена дополнителна проценка од страна на Царинската управа, утврдено е дека станува збор за производи надвор од декларацијата – таблети псеудоефедрин, во проценета вредност од над 100.000 долари.

Од страна на полициски службеници на лице место бил повикан и инспектор на „Малмед“, со цел да се извршат проверки во однос на пронајдените таблети, при што е утврдено дека таблетите не се регистрирани во нашата држава, за нив нема одобрение за пуштање во промет, но ни дозвола за интервентен увоз за овие медикаменти, што значи дека тие се незаконски влезени и се нелегални за нашиот пазар. Тоа едноставно би значело дека самиот влез на овие таблетки на нашиот пазар претставува кривично дело.

„ Тоа се постапки кои може да траат неколку дена, но и неколку месеци, па и години ако е потребно – сè со цел сите инвлвирани да ги изнесеме пред лицето на правдата“ нагласи Спасовски.

Share
Scroll to Top