(Видео) Стоилковски: Зошто Каевски во анкетниот лист крие куќа во Волково?

пред 3 години

Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, цела недела СДСМ и од нив раководените државни институции коишто треба да се борат со корупцијата и да работат на градење правна држава со кредото „нема повластени пред законот“, молчат за случајот „Дивоградба во Волково“. Обидот за забошотување на случајот, оценува Стоилковски, веројатно се должи затоа што станува збор за Дарко Каевски, сега пратеник и портпарол на СДСМ!

„Толку од еднаквоста пред законите! Ќе потсетам, 30 годишниот Дарко Каевски, со 3 години директорска плата во Агенцијата за млади и спорт, во 2020-та година несразмерно го зголемува семејниот имот. Дарко Каевски по цела недела прозивки, не посочува документи, дозвола за градење. На местото на стара легализирана куќарка од неполни 40 м2, во 2020-тата година никнува луксузна хациенда во медитерански стил со базен. Сателитските снимки од алатката Гугл се доказ за градежната активност во 2020-та година, дека се работи за целосно нов објект, а стариот целосно е срушен. Во 2020-та година, Волково е администрирано од СДСМ, со градоначалникот Александар Наумоски“, смета Стоилковски.

Истата година, додава Стоилковски, Дарко Каевски станува пратеник во Собранието, а во анкетниот лист и претходно како директор на Агенцијата за млади и спорт и анкетниот за пратеник, навел „неизградено градежно земјиште“ во Волково. Ниту пред 2020-та било неизградено, ниту во 2020-та било неизградено. Зошто Каевски во анкетниот лист крие куќа во Волково?

„Во анкетниот лист Каевски навел дека истата година 2020-та, купил стан од 65 м2 во Скопје. Ова се факти! Дарко Каевски пет години е носител на јавни функции. Во овие пет години Македонија тоне во мерењата на корупција, а институциите и сега молчат и не отвораат предмет. Институциите се должни и тоа е нивна работа да го испитаат случајот, пред се’, дали Каевски има дозвола за градба, со одобрение за копање базен, како и да се испитаат околностите, односно потеклото на парите. Индикативно е што Каевски не побарал дозвола за градба, крие изграден објект и претходно и по градбата, а лично не верувам дека станува збор за избегнување да се платат комуналиите заради нивната висина. Институциите се должни да го проверат случајот, тоа е нивна обврска. Да потсетам, злоупотреба на службена положба и овластување се прави и со постапување, но и со непостапување“, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Оценува дека Македонија тоне во задолжувања, сиромаштија и кризи, само функционери од власта го множат имотот. Според него, секој ден минат со СДСМ на власт е поскап од предвремени избори.

Share
Scroll to Top