(Видео) Талат Џафери денес мандатар, в недела премиер

(Видео) Талат Џафери денес мандатар, в недела премиер

пред 11 месеци

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот на Талат Џафери за состав на техничката влада, чиј мандат ќе трае до парламентарните избори закажани за 8 мај.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, македонскиот претседател му додели мандат на Џафери да ја формира привремената влада врз основа на Уставот на РСМ и согласно Законот за Влада.

Мандатот на Џафери го доби врз основа на претходен меѓупартиски договор, а преодната влада има задача да ги спроведе претстојните парламентарни избори кои ќе се одржат на 8 мај.

„За претставник за состав на преодната влада за спроведување на парламентарните избори го назначувам господинот Талат Џафери“, рече Пендаровски.

Ова е и првпат Албанец да се најде на чело на македонската влада.

Претходно, на денешната собраниска седница, откако беа констатирани оставките на Димитар Ковачевски и Талат Џафери, беше избран нов претседател на Парламентот. За оваа функција со 64 гласа „за“ од присутни 104 пратеници, беше избран Јован Митрески. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше.

Џафери претходно поднесе оставка од функцијата претседател на македонското Собрание. На неговата оставка и претходеше оставката на лидерот на СДСМ, а сега поранешен премиер Димитар Ковачевски.

Со давањето на мандатот за состав на техничката влада заврши делот од процедурата која беше предвидена за денеска. Според највеното, утре Џафери треба да достави програма и состав на Владата.

Седницата за гласање на техничката влада е закажана за в недела и треба да заврши најдоцна до полноќ, кога и официјално треба да бидат избрани носителите на извршната власт во наредните 100 дена, до 8 мај, односно до официјалното прогласување на резултатите од страна на Државната изборна комисија.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, иако предложи кандидати за министри и дополнителни заменик-министри, стои на ставот дека нема да гласа за Влада на чие чело ќе биде кадар на ДУИ.

Претходно Џафери рече дека до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада ако од ВМРО-ДПМНЕ достават до него предлози за министри и дополнителни заменик-министри.

За тоа, како што рече Џафери, нема пречка бидејќи таков е законот.

Претходно минатата недела, Димитар Ковачевски кажа дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни ако ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.

„Сметам дека ВМРО – ДПМНЕ согласно закон како и сите други политички партии што имаат министри во техничката Влада треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа Влада. Доколку реши да не гласа за таа Влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни мандатарот да предложи Влада во која што тие места ќе бидат упразнети“, кажа Ковачевски.

Ова ќе биде трета техничка влада по Пржинскиот договор. Додека на чело на Владата беше Зоран Заев договори премиер Албанец, а СДСМ остана на тој договор.

Текстот (Видео) Талат Џафери денес мандатар, в недела премиер е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top