Денеска на терен, на две работни точки медиумските претставници на повеќе странски држави присуствуваа на реализација на вежбовното сценарио „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2021“, а и на презентација за поврзаноста со НИКС – Нато командниот систем за инциденти (NICS).
Вежбата „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2021“ e во организација на НАТО Евроатлантскиот Центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со кризи (ЦУК), а се реализира во периодот од 20 до 24 септември на подрачјето на Охрид и Струга.
Ова е прва цивилна НАТО вежба во Република Северна Македонија, којашто заради состојбата со пандемијата истовремено се одвива и теренски и штабно, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) е домаќин, односно организатор на сите активности поврзани со вежбата, заедно со надлежните институции кои се дел од Системот за управување со кризи.
Станува збор за вежбовна активност од големи размери, настан кој инволвира повеќе од 700 учесници од земјава и странство во кој, покрај Република Северна Македонија, учествуваат 27 земји и е прва НАТО вежба во Република Северна Македонија од ваков размер.
Според надлежните, вклученоста во вежбата претставува одлична можност за поддршка на националните власти и градење на капацитетите преку подобрување на готовноста при природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човек, подобрување на планирањето, превенцијата и одговорот, со што би се зајакнале националните капацитети за одговор при итни ситуации.
Во склоп на вежбата ќе бидат организиран научен ВИП симпозиум во траење од два дена, каде што ќе се одвива дискусија помеѓу високи претставници од НАТО, членките на НАТО, државите – партнери, меѓународните организации и НВО. Максмална бројка на учесници ќе биде 50 лица, при што ќе има можност и за видео емитување.
Сценариото за вежбата се базира на урбани операции за: пребарување и спасување, планинска потрага и спасување, одговор на поплави, одговор на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и кампањи за лажни вести што ќе влијаат на цивилното население и критичната инфраструктура во областа околу градовите Охрид и Струга.