(Видео) Шахпаска: Новата градинка во Ресен е пример за концептот Едно општество за сите

пред 4 години

Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заедно со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска ја отворија новата градинка „Јаболче”.

Како што истакна Заев, Владата продолжува да ги зголемува капацитетите на градинките во целата држава и да вложува во развојот на децата уште од најрана возраст.

„Високо на агендата на Владата е да обезбеди услови за правилен детски развој. Само во последните три месеци, отворени се пет нови градинки во Гостивар, Сарај, Илинден, Лозово, Брвеница, еве денеска и Ресен, со што е зголемен опфатот за 415 места. До крајот на годината ќе се отворат и градинките во Куманово, Боговиње, Босилово и гевгелиското село Прдејци со што ќе се зголеми капацитетот за уште 189 деца“, рече премерот.

Министерката Шахпаска, се осврна на заложбите на Министерството за труд и социјална политика за изградба на градинки кои ги следат сите стандарди за правилен детски развој.

„Новиот објект ‘Јаболче’ при Јавната установа за згрижување на деца 11 Септември, ќе згрижи 102 деца организирани во 5 групи. Оваа градинка е пример за концептот ‘Едно општество за сите’, затоа што тука заедно ќе бидат згрижени деца од македонска, албанска и турска етничка заедница. Во особено кратко време, за само 10 месеци, од руиниран и запуштен објект на некогашно училиште, успеавме преку целосна реконструкција и адаптација да направиме еден прекрасен објект, кој притоа ги задоволува стандардите за енергетска ефикасност и има систем на еколошко греење. За целиот проект Министерството инвестираше околу 29 милиони денари, во градежниот дел и во опремување на градинката. При проектирање на самиот објект особено е посветено внимание за пристапност до објектот која е обезбедена преку пешачки патеки и рампи за совладување на висинските разлики и пристап на лицата со попреченост“, заклучи министерката Шахпаска.

Градоначалникот на општина Ресен, се осврна на важноста од овој објект за градот.

„Овој објект претставува капитален проект, којшто е од огромна важност за нашата мала општина и сме навистина горди на него. Владата и ние како локална власт, се грижиме за нашите најмлади, обезбедуваме квалитетни услови за ран детски развој. Изградивме градинка, според европски и светски стандарди, онакви во какви што нашите деца треба да растат, да се развиваат и да учат“, истакна Гошаревски.

Share
Scroll to Top