(Видео) Шахпаска : Обезбедуваме лична асистенција и за децата од 6 до 18 годишна возраст

пред 4 години

„Личната асистенција претставува индивидуaлна помош и поддршка за лица со потешка и најтешка физичка попреченост и потполно слепи лица, чија цел е независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и вршење на секојдневните активности. Предложените измени во Законот за социјална заштита, во делот на личната асистенција, се однесуваат на спуштање на возрасната граница од 18 на 6 годишна возраст за услугата лична асистенција, а придобивката од ова законско решение е дополнителни 200 корисници на возраст од шест до 18 години да добијат лични асистенти“, подвлече министерката Јагода Шахпаска, на денешната јавна расправа за предложените измени во Законот за социјална заштита, во Собранието на Република Северна Македонија.

„Денешната јавна расправа за дополнување на Законот за социјална заштита претставува уште еден придонес на демократијата во нашата држава. На ваков начин, кога заеднички разговараме и власт и опозиција, но пред се и граѓаните за кои што ги носиме законските измени, сакаме да покажеме дека грижата за сите граѓани во државата ни е подеднакво важна “, истакна министерката Шахпаска пред присутните пратеници, невладини организации и останати граѓани кои покажаа интерес по однос на ова прашање.

Таа се осврна на услугата лична асистенција која за прв пат беше воведена во 2018 година, преку Програмата за персонална асистенција за лицата со попреченост за 2018 година, а во 2019 година, личната асистенција е вклучена помеѓу социјалните услуги предвидени со новиот Закон за социјалната заштита.

Услугата лична асистенција може да се користи до 80 часа месечно, истакна министерката Шахпаска, додека поранешни корисници сместени во резиденцијалните социјални институции услугата ќе биде обезбедена до 160 часа месечно, бидејќи на овие лица им е потребна поголема поддршка по излегувањето од институцијата.

Министерката Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика интензивно работи и на други проекти кои значат поддршка за лицата со попреченост и нивно целосно вклучување во општественото живеење.

„Со воведувањето на меѓународна класификација на функционалноста (МКФ) која ја реализираме во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ООН, попреченоста се третира како човеково право, не како медицинска дијагноза. Заедно со УНДП работиме на мобилна апликација аудио читач за слепите лица, кој ќе им овозможи послободно движење во просторот и посамостојно извршување на секојдневните активности“, додаде Шахпаска.

На крајот во своето обраќање, таа ја истакна важноста од децентрализацијата на социјалните услуги, како процес со кој се обезбедува помош и нега во домот на старите лица, лицата со попреченост, во дневните центри и центрите за лица со попреченост. За таа цел, склучени се 19 договори со 24 општини, а притоа опфатени се и градските и руралните средини.

Share
Scroll to Top