(Видео) Шилегов: Срамна е црната кампања против мене, со овој документ целосно ја побивам

пред 2 години

Денеска ќе зборувам за недозволивата и срамна црна кампања која против моето семејство и мене ја води ВМРО-ДПМНЕ, истакна кандидатот за втор мандат за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.

„Таа кампања господине Мицкоски и госпоѓо Арсовска е под секое цивилизирано ниво. Тоа што го правите е една од најлошите карактеристики на политичарите. Кога аргументи за работењето не постојат, тогаш лагите ги користите како единствен начин за битка“, посочи Шилегов обраќајќи им се на противкандидатката Даниела Арсовска и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој изрази жалење што партијата ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, останала доследна на политиката на измама и злонамерни конструкции.

„Денес сум тука со документи да ги демантирам сите прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ и сите зборови искажани од митинзите за тоа колку и како сум ја злоупотребувал мојата функција и незаконити приходи. Овој документ, кој патем е изработен токму на барање на ВМРО-ДПМНЕ од страна на УЈП, потврдува дека мојата имотна состојба и сè што поседуваме јас и моето семејство е еднаква и соодветствува со пријавените приходи и платени даноци. Овој документ потврдува дека ниту еден денар повеќе од она за што сум го пријавил и за што сум платил данок немам потрошено“, нагласи Шилегов кој побара од своите политички опоненти да престанат да користат лаги и изрази жалење што тоа е нивната единствена агенда.

Шилегов на крајот побара од граѓаните да се обединат и масовно да излезеат на гласање со цел, како што рече, да потврдат дека Скопје продолжува напред.

Share
Scroll to Top