(Видео) Ѓоргиевска: Секоја мајка има право на здравствена заштита, безбедна бременост и безбедно породување

пред 4 години

Сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска денеска се обрати на настан посветен на првиот извештај за ревизија на перинаталната смртност во Северна Македонија во 2019-та година.

Истакнувајќи дека резултатите од овој извештај се од големо значење при планирање на идните мерки и активности за подобрување на квалитетот на здравствените услуги на мајките и новороденчињата, Ѓоргиевска истакна дека само со здружени сили и заеднички ангажман на сите релевантни институции, граѓанското општество, медиумите и истражувачките институции, системот ќе успее да ја одржи веќе започнатата акција за намалување на смртноста кај мајки и новороденчиња.

„ Секоја мајка има право на здравствена заштита, има право на безбедна бременост и безбедно породување. Со тоа, за мајката целиот период ќе биде позитивно искуство. Секое новороденче има право да се роди во безбедна средина, безбедно да се пренесува доколку се појават проблеми и што е најважно, да биде близу и опкружено со грижата и љубовта од семејството“, потенцираше Ѓоргиевска.

Во таа насока, како што рече Ѓоргиевска, кога ќе се открие одредена компликација во бременоста, болниците мора да бидат беспрекорно подготвени. Но неопходни се, како што додаде Ѓеоргиевска, квалитетна инфраструктура, соодветна медицинска опрема, посветени здравствени работници.

„ Сметам дека треба да се обезбедат еднакви можности за сите заедница во Северна Македонија. А тоа ќе го постигнеме ако обезбедиме здравствена заштита со медицина базирана на докази, соодветни услови во здравствените установи и навремено пружање на потребните здравствени услуги“, подвлече Ѓоргиевска и додаде дека првиот извештај за перинатална ревизија на смртноста за Северна Македонија, ќе придонесе како земја да го забрзаме напредокот кон постигнување на амбициозните цели на Целите на одржливиот развој за следните години.

Извештајот за ревизија на перинаталната смртност во Северна Македонија во 2019-та година го изработи канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, во соработка со министерството за здравство, Комитетот за безбедно мајчинство, УНИЦЕФ и УНФПА.

Share
Scroll to Top