Одбиената понуда за 2.500 денари покачување на платата значи дека личните интереси на СОНК се пред оние на децата, велат од Владата, откако попладнево не беше постигнат договор со СОНК за покачување на платите во образованието и прекин на штрајкот.
Владата понуди зголемување за 10 отсто на платите кои би се обезбедиле со ребалансот на Буџетот. Од Владата велат дека на тој начин наставниците и воспитувачите би добиле просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања, а воедно и методологијата со која Владата ќе обезбеди континуиран раст на платите, ќе обезбеди трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование. Според СОНК, ваквото зголемувањата на платите од 10 отсто воопшто не кореспондира со зголемувањето на минималната плата и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството.
Владата е децидна дека синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 осто.
Оттука сметаат дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза.
Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен, се предупредува во соопштеието на владината прес-служба.
Дополнително, додава Владата, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите. Велат дека ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок.