Влада: Премиерот Заев е на одмор, но е во постојана комуникација со надлежните за пожарите

пред 3 години

Премиерот, Зоран Заев, е на годишен одмор, но е во постојана комуникација со надлежните во врска со пожарите, велат од Владата.

„Премиерот Зоран Заев користи денови од годишниот одмор до 12 август, а е во постојана телефонска и интернет координација со сите ресорни министерства и надлежни институции“, се наведува во соопштението.

Од Владата информираат дека во периодот од 3 до 12 август дел од членовите на Владата ќе искористат денови од годишен одмор, а дел од министрите нема да користат одмор во овој период со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите.

„Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки. Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно“, велат од Владата.

Од таму додаваат дека овие денови теренската координација е обезбедена од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство Арjанит Хоџа, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шакири и Александар Бајдевски, министерката и заменик министерот за образование Мила Царовска и Арафат Шабани, заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши, заменичката министерка за животна средина Христина Оџаклиеска, заменикот министер за труд и социјала Енвер Хусин, заменикот министер за здравство Илир Хасани, заменик министерот за правда Агим Нухиу.

Share
Scroll to Top