Владата да не ги понижува наставниците и да ги исполни барањата на СОНК. Владата вели дека дава покачување на платите од 10%, во ситуација кога млекото се покачи за над 80%, зејтинот за над 110%, горивата за над 70%, струјата за над 30%. Трошоците за живот се екстремно покачени, а владата ги понижува наставниците со 10% предлог за покачување, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека Владата наместо со половични решенија треба да ги исполни барањата на СОНК, тие се минимално неопходни за обезбедување нормален стандард на наставниот кадар.
Македонија е можеби единствена земја во Европа каде наставниците имаат плата пониска од просечната плата.
Платата на еден наставник е далеку помала од синдикалната кошничка.
Платите во образованието мора да се зголемат. Владата да изврши нивелирање на коефициентот на сложеност на работните места во образованието.
Ковачевски наместо да им се заканува на СОНК, да ги исполни нивните барања. Наставниците се еден од столбовите на општеството, се вели во соопштението.