Дали Вице ќарува од РЕК додека луѓе се бркаат од работа и се готви покачување на цената на струјата? Дали тендерите во РЕК тешки милиони се напумпани за Вице Заев да земе огромна провизија?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„ Бојан Јовановски, главниот осуден во Рекет, преку своето писмо до Зоран Заев, со кого имал одлична комуникација тврди дека Вице Заев земал пари од газдите на фирмите кои добивале тендери во РЕК Битола, за што постојат докази во неговиот мобилен телефон. Јовановски посочува лица и ситуации, а институциите молчат.
Вашиот брат Вице Заев, откако Силјан Мицевски го добива тендерот во РЕК Битола, веднаш стапува лично во контакт со него, на средба во Битола и веднаш му бара пари поради добиениот тендер во РЕК Битола. Средствата во милионски износ вашиот брат Вице му ги бара на Силјан веднаш пред да биде исплатен добиениот тендер! Знаете за ова, господине Заев, така нели?! Јас сум живиот сведок на примопредавање на кеш пари (стотици илјади евра) од страна на Силјан Мицевски кон вашиот брат Вице Заев во просториите на Меѓународен сојуз, пишува Јовановски до Заев“ велат од опозициската партија.
Оттаму прашуваат дали затоа последниот склучен договор за ископ на 1.4 милиони тони на јаглен во РЕК се плаќаат 19 милиони евра, односно 13 евра по тон, кога, како што велат, во исто време јагленот договорен од Косово го плаќаме 8 евра.
„ Дали разликата од 5 евра по тон, односно 7 милиони евра вкупно треба да заврши кај Вице Заев, на истиот начин како што посочува Бојан Јовановски дека истиот тоа го прави. Која е економска оправданост да се плаќа и до 70% поскап ископ, ако не се работи за одредени други шеми? Дали народот ќе плаќа за Вице да ги полни џебовите и банкарските сметки? И сето тоа додека во РЕК се готват списоци за бркање на луѓе од работа“ обвинуваат од партијата.