ВМРО-ДПМНЕ: Доделувањето половина милион евра само на општина Арачиново е скандалозно

пред 3 години

ВМРО-ДПМНЕ прашува според кој критериум Владата доделила помош од половина милион евра само на Општина Арачиново за справување со Ковид-19 кризата? Според партијата, одлуката е крајно скандалозна и нетранспарентна.

„Објаснувањето дека се работи за еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради Ковид-19 кризата е уште посомнителна. Во Република Македонија има многу посериозни жаришта од епидемијата со далеку поголеми потреби од финансиска помош, а Владата на Заев се решила да ја помага само општина Арачиново. Кој е критериумот според кој токму општина Арачиново е одбрана за еднократна помош од половина милион евра?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека општината Арачиново ја треселе скандали со нетранспарентно трошење на народни пари, па, велат од ВМРО-ДПМНЕ, логично се поставува прашањето дали има конкретен план за трошење на овие половина милион евра или се дадени заради ќеф на Заев?

ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто Владата не определила ваква помош за општина Вевчани, општина Теарце, општина Тетово, општина Сарај, општина Шуто Оризари или општините Кисела Вода, Центар, Бутел и слични кои имаат огромен број активни случаи, туку тоа го прави баш со општина Арачиново?

„За потсетување, со овие половина милион евра може да се набават илјадници ковид тестови, или десетици амбулантни возила, па дури и неколку монтажни болници кои се насушно потребни за справување со ковид епидемијата, наместо без јасна цел и јасни критериуми да се дадат на една општина, која за среќа, според извештаите на здравствените власти не е критична точка. Дали ова е некаков вид матна компензација или концесија на Заев која сега на ваков начин ја исплаќа“, прашува опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека јавноста мора да знае каде Заев ги троши народните пари и дека Буџетот не служи за поткусурување на неговите политички и бизнис интереси.

Share
Scroll to Top