ВМРО-ДПМНЕ: Им нудиме бесплатна правна помош на граѓаните кои МВР противуставно ги уапси на бадникарски оган

пред 4 години

Спротивно на Уставот, уапсени се жители на селото Орман, кои присуствувале на традиционален бадникарски оган, тврди ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека станува збор за лицемерство од власта, која „мижи пред кршењата на законите и протоколите кои ги прават владините функционери и блиските до власта“.

„Замислете, беа брутално и насилно апсени граѓани од селото Орман на бадникарски оган, а кога функционерите на СДСМ славеа во Штип пред неколку дена, со оркестри, со софри, без дистанци и без маски немаше никаква реакција на институциите. Каде беа институциите да реагираат и на прославата на роденден на функционерите од владејачката ДУИ во државна институција спротивно на сите протоколи и норми на пристојно однесување? Зошто нема никаква санкција за Венко Филипче и за Зоран Заев, кои, исто така, без маски и без дистанца се фотографираа со своите деца на квадрициклите во првиот ден од новата година“, изјави на прес-конференција пратеникот Бојан Стојаноски.

Според него, владата на Заев ги заплашува обичните граѓани и, како што вели, бесрамно покажува дека едно важи за обичниот човек, а сосема други правила важат за власта.

„Ако Спасовски сака да тренира строгост и владеење на правото, тогаш зошто сѐ уште не откри каде завршија парите од полната торба рекет, зошто нема никаква разрешница на случајот со Ден Дончев за скандалот во кој целата јавност го виде како става снопчиња пари во својата чанта, зошто нема правна разрешница за милионскиот скандал ‘Леонардо’ во кој беше директно вмешан поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски, зошто нема разрешница на криминалните иновации, зошто нема разрешница за прислушувањето во Јавното обвинителство, матните зделки со инсулинот…“, запраша претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека неговата партија на граѓаните кои, како што оцени, вчера противуставно и насилно биле приведени им нуди бесплатна правна помош, како и за сите други вакви слични случаи во кои, според Стојаноски, власта на Заев противуставно ги крши слободите и правата на обичниот граѓанин“

Share
Scroll to Top