Коалициски партнери и самите членови на СДСМ гледаат дека со Зоран Заев нема ни напредок, ни демократија, ни слобода, ни право, ни принципи, велат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Самите говорат дека веќе СДСМ е претворена во приватна фирма на Заеви која работи исклучиво за бизнис интересите на мафијашкиот клан. Дел од коалициските партнери го напуштија СДСМ, нивни градоначалници одат самостојно, а Заев на тоа одговара со исклучување, јавен линч или етикетирање“, се наведува во партиското соопштение.
Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа е недемократското лице на Заев и неговиот, како што велат, неговиот хибриден режим во кој тој одлучува, а органите формално само прифаќаат.
„Не може да очекувате демократски капацитет од човек кој говори дека за градоначалник не кандидира личности туку партиски пиони од кои во еден случај е братучед на Оливер Спасовски, а во друг случај бизнис партнер на Вице Заев“, обвинуваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев очигледно е очаен, а како ќе наближува изборниот пораз ќе биде, како што велат, се понервозен и уште повеќе ќе се одлепува од реалноста.