ВМРО-ДПМНЕ: МВР потврди, дале пола милион евра за соларни бојлери на фирмата за камионски транспорт

пред 2 години

МВР во интерес на граѓаните мора да излезе од канџите на Спасовски и да не биде покритие на криминалот и корупцијата на СДСМ, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според оваа партија, МВР, како што велат, заради Оливер Спасовски е доведена во состојба потврдувањето на скандалите да ги нарекува демант на дезинформации.

„МВР на Оливер Спасовски наместо да ги демантира, ги потврди наводите дека доделил половина милион евра тендер за соларни панели за топла вода на мала фирма за товарен транспорт којашто е вмешана во коруптивен скандал за којшто знае цела Македонија. Наместо да признае дека се работи за скандал, МВР на Спасовски уште и додава дека на два пати оваа фирма за товарен транспорт за МВР била подобар избор од специјализирани фирми за соларни панели и водоинсталатерски изведувања“, реагираат од партијата на Мицкоски.

Прашање за коешто СДСМ и МВР на Спасовски немаат одговор е како воопшто на фирма за камионски транспорт и доделуваат да мести соларни панели и водоинсталатерски работи во полициски објекти, посочуваат од таму.

„Уште повеќе, зад флоскули за „зелена енергија” МВР на Оливер Спасовски сокрива дека станува збор за фирма којашто била редовен корисник на тендерите на СДСМ во Ѓорче Петров, меѓу кои и за две машини за перење коишто ги вреднувал дури 25.500 евра, а за којшто скандал се уште нема истрага. СДСМ и МВР на Оливер Спасовски со ова само покажуваат дека сето МВР е само алатка за криминалот и корупцијата на власта“, се истакнува во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

Share
Scroll to Top