ВМРО-ДПМНЕ објави нови имиња за градоначалници – Тимчо Муцунски за Аеродром, Оливер Зафировски за Карпош

пред 3 години

ВМРО-ДПМНЕ на последната седница на Извршниот комитет и Централниот комитет донесе одлука за повеќе кандидати за градоначалници на општините Аеродром, Карпош, Битола, Струмица, Кичево, Крива Паланка, Старо Нагоричане и Долнени.

Како што информираат од партијата, при изборот се воделе од принципите за чесност, транспаретност, работливост и согласно со мислењето на членството и граѓаните.

Во општина Аеродром кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Тимчо Муцунски доцент на Правниот факултет „Јустинијан први” во Скопје каде предава Римско право, Реоторика и Правна аргументација.

Тој е актуелен пратеник во Собранието и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

За општина Карпош, избор на партијата е доктор Оливер Зафировски специјалист педијатар, пулмоалерголог со над 32-годишно искуство. Работи во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај деца Козле од 1989 година каде беше и директор во периодот од 2006 година до 2017 година.

Во 2016 година во рамки на Институтот го основал Центарот за цистична фиброза.

Зафировски бил советник во општина Карпош во периодот 2009-2011 година и потпретседател на ОК Карпош во два мандата.

Како кандидат за градоначалник на Битола, ВМРО-ДПМНЕ го номинира Тони Коњановски доктор специјалист епидемиолог, кој, како што велат од партијата во време на ковид-кризата, ја потврдил својат висока професионалност, човечност и хуманост.

Тој е и советник во Советот на општина Битола. Во изминатите години активно членува во Централната комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Кандидат за општина Струмица е Жан Дрвошанов дипломиран економист, со долгогодишно искуство од областа на финансиите и менаџирањето со сопствена фирма за сметководствени услуги и финансиски консалтинг во Струмица.

Кандидат за Кичево е докторот Александар Јовановски кој работи во сопствена приватна здравствена установа, со претходно работно искуство како професор по медицина во средното општинско училиште „Мирко Милески“ во Кичево.

Во Крива Паланка, ВМРО-ДПМНЕ ќе „истрча“ со Александар Рангелов дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први”. Тој е актуелен советник во Советот на општината и потпретседател на ОК Крива Паланка, фамилијарен човек, татко на две деца.

Кандидат за челник на Старо Нагоричане е Велибор Денковски дипломиран на Филолошкиот факултет во Скопје на катедра за ПиТ француски и англиски јазик.

Претходно работел и како наставник по англиски јазик во основни училишта на територија на општина Старо Нагоричане и Куманово, потоа и ангажиран во МИОА како поддршка на проектот компјутер за секое дете.

Кандидат за градоначалник на општина Долнени ќе биде Ладо Глигороски, за кого од партијата велат дека е чесен и семеен човек, татко на три деца. Активно се занимава со земјоделие.

Share
Scroll to Top