Од 5 јули до денеска не е издадена ниту една лична карта. Тоа се повеќе од три недели како управните служби на МВР не си ја извршуваат со закон регулираната должност, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, согласно законот за лични карти, МВР е должна, како што подвлекуваат, во рок од 15 дена од приемот на барањето да ја издадат личната карта.
„Поради неспособноста на Спасовски голем број на наши сограѓани се оставени без документ за идентификација и им е оневозможено да ги користат своите сметки, да подигаат пензија или плата. Застој има и во правниот промет зошто голем број на граѓани не можат да склучуваат договори и да се појавуваат како договорна странка било пред државен орган или помеѓу физички и правни лица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Постетуваат дека ваквата како штo ја нарекуваат неспособност на Спасовски ги чини граѓаните пари и изгубена добивка.
„Друг дел ги чини лоша егзистенција затоа што не можат да си го подигнат од банка единственото примање. Спасовски мора да понесе одговорност. Не може системот за издавање на лични документи да е нефункционален, а тој да нема одговорност“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.