Состојбата со водоснабдувањето во Гостивар останува непроменета, а водата и понатаму не се препорачува за пиење, информира раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека Институтот за јавно здравје, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, секојдневно врши испитувања и зема примероци од водата, при што резултатите сè уште покажуваат присуство на бактерии во дел од примероците.
„Резултатите се слични – во неколку од примероците сè уште се пронаоѓаат бактерии коишто водата ја прават непогодна за пиење“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека водата во моментов може да се користи само за технички потреби.
„Водата и понатаму е дозволена само за техничка употреба, но набргу очекуваме водата да биде прогласена за исправна. Хиперхлорирањето продолжува понатаму“, рече Ангелов.
Претходно, Министерството за здравство информираше дека епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилна, а надлежните здравствени институции продолжуваат со континуирано следење.
Во текот на 1 август се регистрирани 57 први прегледи на пациенти, што е намалување за три случаи во однос на претходниот ден, кога биле евидентирани 60 прегледи. Во изминатото деноноќие нема регистрирани нови хоспитализации.
Според податоците на Министерството, заклучно со 1 август во Гостивар се пријавени вкупно 1.041 случаи на заразна болест, а здравствените служби изработиле 734 епидемиолошки анкети.
Текстот Водата во Гостивар сè уште не е за пиење, продолжува хиперхлорирањето е превземен од МАКФАКС.





