Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 549 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Од таму посочуваат дека во регионалните центри во Битола и во Штип се хоспитализирани дополнително 152 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 701.
Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат и дополнителни легла.
„По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 83 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 69 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 43 пациенти, во Велес се лекуваат 63 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 94, во ковид-центарот во Гостивар 47, а во Струга 33 болни. Во болницата во Струмица лежат 80 пацинети, во Кочани 25, во Кичево 18, Кавадарци 39, а во Гевгелија 10 лица позитивни на коронавирусот“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Во моментов вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.134 и има околу 100 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени.